dolar newДевизниот курс на доларот зајакна откако официјалните лица на Банката на федерални резерви ФЕД сигнализираа дека остануваат на планот да ги зголемат каматните стапки оваа година.

Доларот во однос на еврото вчера зајакна за 0,6 проценти на 1,0822 $, откако во четвртокот, по објавувањето на добрите показатели за американската економија и новите коментари од ФЕД, се зголеми за 0,8 проценти. Во исто време доларот зајакна и во однос на јапонскиот јен за 0,2 проценти на 119,455.

Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот кон шестте главни светски валути, се зголеми за 0,5 проценти на 97,809 поени.

Инвеститорите се фокусираа на новите пораки од ФЕД, а особено кон изјавите од страна на претседателите на ограноците на ФЕД од Ст. Луис и Атланта, дека нормализацијта на монетарната политика можеби е потребна во поглед на натамошното подобрување на состојбата на американската економија, по економската криза од 2007 до 2009 година.

Ваквите пораки, заедно со добрата вест за американскиот пазар на труд и услужниот сектор, помогнаа за опоравување на доларот по загубата од четири проценти од својата вредност, откако ФЕД ги намали проценките за економскиот раст и инфлацијата на редовниот месечен состанок минатата недела.

Поддршка на доларот се и податоците од пазарот на труд, кои покажуваат поголем пад отколку што се очекуваше во однос на нови барања за надоместоци за невработеност. Добри вести пристигнаа и од услужниот сектор, каде активноста во март достигна највисоко ниво во изминатите шест месеци.