Доларот на меѓународните валутни пазари во однос на еврото достигна највисоко ниво оваа недела, откако ФЕД со своите коментари направи уште еден мал чекор во насока на зголемување на каматните стапки оваа година.
Девизниот курс на еврото во такви околности, се лизна на 1,0950 $, што е најниско ниво од минатиот петок.
Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот кон шестте главните светски валути, се зголеми за 0,4 проценти во однос на претходното затворање, достигнувајќи 97,377 поени. Американската валута се зголеми за 0,2 проценти во однос на јенот, на 124,2 ¥.
Како што се очекуваше, ФЕД не даде јасни насоки, кога би можело да ги зголеми каматните стапки, но она што се вели во соопштението во врска со економското закрепнување и подобрувањето на пазарот на трудот е доволно за да ги охрабри аналитичарите кои сметаат дека централната банка ќе ги зголеми каматните стапки уште во септември.
После состанокот на ФЕД фокусот сега се пренасочува кон извештајот за движењето на бруто домашен производ (БДП) во вториот квартал, по слабите показатели во првиот квартал поради суровата зима, што ќе даде нови насоки за тоа дали да се очекува зголемување на каматните стапки во септември.