Доларот на меѓународните девизни пазари го забележа највисокото ниво во последните две недели во однос на кошницата валути, после изјавите на претставниците на ФЕД кои ги оживеаа очекувањата за зголемување на каматните стапки во САД оваа година.
Еврото во однос на доларот се лизна за 0,1 проценти, на 1,11825 $. Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот кон шестте главни светски валути, се искачи на 96.088 поени, највисоко ниво од 10 септември. Доларот ослабе во однос на јенот за 0,4 проценти на 120,115 ¥.
Од петокот американската валута се зголеми за повеќе од два проценти, отскокнувајќи од ниското ниво на кое се спушти во петокот поради одлуката на ФЕД да ги задржи непроменети каматните стапки, како и дополнителниот притисок од новите предвидувања за растот на американската економија.
Иако поедини учесници на пазарот сега не очекуваат да дојде до зголемување на каматните стапки во САД оваа година, речиси половина сметаат дека тоа ќе се случи уште во октомври или во декември.
Во спротивност на тоа се понатамошните акции на Европската централна банка и Банката на Јапонија, од кои се очекува да ги зголемат своите стимулативни програми. Ваквиот развој на настаните ќе ги притисне еврото и јенот, поддржувајќи го натамошното зајакнување на доларот.
“Се додека ситуацијата на пазарот продолжува да се смирува, особено во пазарите во развој, дефинитивно постои причина за натамошно јакнење на доларот иако не се изговара. Прекумерното зајакнувањето на доларот може да ја притисне инфлацијата и да предизвика ФЕД да не ги зголеми каматните стапки”, изјави валутната аналитичарка Esther Reichelt од Commerzbank.
Од најновите пораки од ФЕД се издвојува изјавата на претседателот на огранокот на ФЕД во Атланта Dennis Lockhart дека задржувањето на каматните стапки, во најголем дел е еден вид на вежба “за управување со ризикот”, со цел да се осигура дека последните промени на пазарите не станат товар на американската економија. Lockhart и понатаму очекува ФЕД кон крајот на оваа година да ги зголеми каматните стапки.