Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела се лизна за 0,5 отсто, на 102,59 поени.

Истовремено, доларот ослабе за 0,7 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0840 долари.

Сепак, курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми за 1,6 отсто, на 132,80 јени.

Индексот на доларот исто така ослабе минатата недела бидејќи инвеститорите веруваат дека циклусот на зголемување на каматните стапки на американската централна банка се ближи кон крајот.

Најновите макроекономски податоци покажуваат, имено, дека растот на економијата во САД постепено забавува, дека инфлациските притисоци се намалуваат, дека потрошувачката полека слабее и дека пазарот на трудот постепено се ‘лади’.

А тоа значи дека ФЕД наскоро би можел да го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика.