На валутните пазари вредноста на доларот паѓа во однос на кошничката валути четврти ден по ред. Така, курсот на доларот падна на најниско ниво за речиси една година.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 100,78 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 101,47 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 133,20 на 132,45 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1.1070 долари, највисоко ниво за една година, додека вчера во ова време беше 1.0985 долари.

Јакнењето на еврото е последица на очекувањата дека Европската централна банка (ЕЦБ) на следната седница ќе ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,50 процентни поени, со што би се намалила разликата во каматните стапки меѓу САД и еврозоната.

Цените на нафтата сепак повратија дел од вчерашните загуби. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,35 отсто, на 86,40 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,46 отсто, на 82,55 долари.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го крена гласот против доминацијата на доларот во меѓународната трговија, сугерирајќи дека може да се користат националните валути и да се создадат нови финансиски инструменти.

„Секоја вечер си го поставувам истото прашање: Зошто земјите треба да бидат врзани за доларот? Зошто да не ги користите нашите валути? Зошто да не направиме нешто ново? Чија идеја беше од самиот почеток кога беа напуштени златните стандарди, доларот да биде главен, а не јуанот, реалниот или пезосот“, рече Лула за време на настан во седиштето на Новата развојна банка (НДБ), која беше формирана од организацијата БРИКС.