На азиските берзи утрово се тргуваа претпазливо, по знаците за забавување на закрепнувањето на кинеската економија, додека цените на нафтата нагло паднаа.

Берзанскиот индекс MSCI на азиско-пацифички акции, без јапонските, беше намален за 0,1 проценти околу 5 часот наутро, откако минатата недела падна за повеќе од 6 проценти и се лизна на најниско ниво од декември.

Утрово на берзата во Токио, индексот Nikkei порасна за 1,5 проценти, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија зајакнаа помеѓу 0,1 и 1,4 проценти. Во Хонгконг и Шангај, сепак, тие се лизнаа помеѓу 0,5 и 0,7 проценти.

Кинеските пазари сѐ уште не се стабилизираа, откако минатата недела нагло паднаа поради стравувањата на инвеститорите од построга регулација во технологијата и некои други сектори.

Инвеститорите исто така се загрижени за растот на бројот на новозаразени со коронавирус во Кина, додека макроекономските податоци укажуваат на забавување на растот на втората по големина светска економија.

Утрово беше објавено дека индексот на производствената активност Caixin/Markit се лизна на 50,3 поени во јули, додека аналитичарите очекуваа тој да изнесува 51,1 поени.

Ова покажува дека активностите сѐ уште растат, но со побавно темпо отколку во претходните месеци.

Берзите се поддржани со добри економски показатели од еврозоната и САД, најголемите трговски партнери во регионот.

Покрај тоа, американските фјучерси индекси се зголемени утрово, така што цените на акциите на Волстрит во понеделник се очекува да ги надоместат загубите од минатата недела.

Дотолку повеќе што утрово беше објавено дека сенаторите во американскиот Конгрес постигнале договор за пакет инвестиции во инфраструктура во вредност од околу илјада милијарди долари, за што би можело да се гласа оваа недела.

Ова може дополнително да го поддржи закрепнувањето на најголемата светска економија од кризата со корона.

На девизните берзи, вредноста на доларот во однос на кошницата валути се стабилизираше, откако минатата недела падна за 0,8 проценти.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, е околу 92,12 поени, како што беше во петокот на затворањето на берзата.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми од 109,65 на 109,70 јени.

Американската валута малку зајакна во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,1865 долари, додека во петокот на затворањето на пазарот изнесуваше 1,1870 долари.

И цените на нафтата паднаа утрово, откако пораснаа минатата недела. На лондонскиот пазар, цената на барелот се лизна за 1,45 проценти, на 74,32 долари, додека на американскиот пазар, барелот падна за 1,25 проценти, на 73,01 долар.