dollarДоларот на меѓународните пазари благо зајакна во однос на кошницата валути, во близина на највисокото ниво во изминатите седум месеци, пред се поради се поголемите разлики помеѓу приносите на американските и германските државни обврзници, а се очекува и зголемување на каматните стапки во САД во декември.

Долар индексот се зголеми за 0,1 проценти, на 99.072 поени и е на чекор до највисокото ниво од средината на април од 99,345 поени на кои се искачи во петокот.

Американската валута зајакна во однос на јенот за 0,2 проценти на 123,35 ¥. Еврото се задржа на 1,0750 $, малку над најниското ниво во последните седум месеци од 1,07045 $, на која се спушти во петокот. Од почетокот на овој месец еврото во однос на доларот се намали за 2,3 проценти.

Аналитичарите проценуваат дека темелните разлики помеѓу приносите на 10-годишните американски и соодветните германски државни обврзници, во моментов во висина од 1,67 процентни поени, најверојатно ќе го поддржат доларот и зауздаат еврото.

“Ако разликата помеѓу приносите на американските и германските обврзници е поголема од 1,70 процентни поени, можеме да бидеме сведоци на понатамошна кревкост на еврото”, изјави Jeremy Stretch, валутен аналитичар во CIBC World Markets.

Во остра спротивност со ЕЦБ, од ФЕД се очекува, најверојатно, во декември да ги зголеми каматните стапки за прв пат по речиси десет години после многу силниот извештај за вработеноста во САД, објавен во петокот. Дури и претседателот на огранокот на ФЕД од Бостон Eric Rosengren, кој е еден од застапниците на поблага монетарна политика посочи на декември како соодветен момент за зголемување на каматните стапки.