На азиските берзи во петокот берзанските индекси благо паднаа бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од својот профит од пазарот, по силниот скок на цените на акциите во ноември, додека доларот зајакна во однос на кошницата валути.

Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, до 07:00 часот беше намален за 0,4 отсто, откако скокна за повеќе од 7 отсто во ноември.

Утрово на токиската берза индексот Nikkei падна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја се лизнаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто. Во Шангај, пак, тие благо се зголемија.

По силниот скок во ноември, овие индекси паднаа на почетокот на декември бидејќи нема нови охрабрувачки вести.

Сепак, утрово беше објавен индексот Caixin PMI, кој покажа дека производната активност во Кина неочекувано се зголемила во ноември.

Но, тоа не ги охрабри баш инвеститорите бидејќи официјалниот PMI на кинеските власти вчера покажа дека активноста падна втор месец по ред.

Вчера, пак, европските пазари беа поттикнати од првата проценка на Евростат, која покажа дека инфлацијата во еврозоната во ноември се лизна на 2,4 отсто, што е најниско ниво од средината на 2021 година.

Со ова се поткрепи тезата дека Европската централна банка го заврши циклусот на покачување на каматите и дека наскоро може да се очекува намалување на каматните стапки, со оглед на тоа што економијата на еврозоната слабее.

Но, и тоа не ги охрабри азиските инвеститори.

„Нам ни се чини дека многу добри вести веќе се вградени во цените на акциите и некои инвеститори решија да извадат одреден профит од пазарот, по силниот скок на цените на акциите минатиот месец“, рече Родриго Катрил, стратег во National Australia Bank.

И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути силно порасна, откако во ноември падна за повеќе од 3,5 отсто.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,30 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 102,75 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 147,10 на 148,05 јени.

Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0910 долари, додека вчера во ова време беше 1,0975 долари.

Еврото е под притисок бидејќи се шпекулира дека Европската централна банка наскоро може да почне да ги намалува каматните стапки, имајќи предвид дека економијата на еврозоната слабее, а инфлацијата се намалува.

Цените на нафтата, пак, стагнираат, по вчерашниот значителен пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово ослабе за 0,12 отсто, на 80,75 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,05 отсто, на 76,05 долари.