Доларот на меѓународните девизни пазари зајакна во однос на кошницата валути, во пресрет на редовната седница на Банката на федерални резерви ФЕД, која со внимание ќе биде следена од инвеститорите за нови насоки во врска со временската рамка во која може да се очекува зголемување на каматните стапки во САД.
Долар индексот, кој ја мери вредноста на САД во однос на шестте главни светски валути, се зголеми за 0,3 проценти на 96,774 поени, откако во понеделникот се намали на најниско ниво во последните две недели на 96,288 поени. Доларот е на слична процентна добивка во однос на еврото и се тргува за 1,1059 $.
Доларот исто така отскокна од најниското ниво во последните две недели и во однос на јенот, додека инвеститорите ги игнорираа превирањата на кинескиот пазар и наместо тоа, во пресрет на дводневната седница на Банката на федерални резерви, се фокусирани на можноста за зголемување на каматните стапки во САД оваа година. Вредноста на доларот се зголеми за околу 0,3 проценти во однос на јенот на 123,66 ¥.
После овонеделната седница на ФЕД за американската валута значаен настан ќе биде објавувањето на податоците за растот на американската економија во вториот квартал, кој се очекува во четврток. Се очекува да покаже раст по падот во првите три месеци од оваа година, поради суровата зима.