10-dollarВредноста на доларот се зголеми во однос на кошницата валути на меѓународните пазари, со поддршка од зајакнувањето на приносите на обврзниците на САД, откако охрабрувачките показатели за личната потрошувачка во САД малку ги подгреаа очекувањата за можно зголемување на каматните стапки на состанокот на ФЕД.

Долар индексот, кој ја мери вредноста на САД кон шестте главни светски валути, се зголеми на 95,659 поени, отскокнувајќи од најниското ниво во последниве две недели на кое се спушти во понеделникот.

Заедничката европска валута во такви околности, во однос на доларот се намали за 0,15 проценти на 1,1252$. Доларот во однос на јенот сепак остана помалку или повеќе непроменет во однос на претходното затворање и се тргуваше за 120,39 ¥.

Во пресрет на состанокот на ФЕД, се зголемија приносите на 2-годишните обврзници на САД на највисоко ниво во изминатите четири години, а обврзниците на подолг временски период на највисоко ниво во последните два месеци.

Поради зголемувањето на приносите на 2-годишните обврзници се зголеми и разликата меѓу приносите на двегодишните американски и германски државни обврзници на највисоко ниво во последните осум години, што помогна за зајакнување на американската валута.

Во фокусот се новите охрабрувачки податоци од продажбата на мало во САД, по што зајакнаа очекувањата дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за прв пат од јуни 2006 година.

Сепак, многу учесници на пазарот сметаат дека ФЕД ќе се воздржи од зголемување на каматните стапки овој месец поради неодамнешната криза на глобалните пазари и се повеќето потврди за успорувањето на растот на кинеската економија.