Граѓаните и компаниите и во април го задржале засиленото темпо на задолжување, при што вкупните кредити достигнуваат износ од 576 милијарди денари или 9,36 милијарди евра. Во текот на месецот должничкото ниво е зголемено за еден насто, додека годишниот раст е за 13,3 насто. Најголем дел од кредитниот раст доаѓа од корпоративниот сектор, но и домаќинствата имаат значителен придонес.

Во споредба со март, вкупните депозити се намалени за 1,4 отсто, главно поради падот забележан кај корпоративните депозити. Сепак, на годишно ниво има раст од 9,3 насто, што значи дека во однос на ланскиот април граѓаните и фирмите депонирале значително повеќе средства во банките, кои изнесуваат 656,87 милијарди денари што е противвредност на 10,68 милијарди евра.

Депозитите на домаќинствата се најголемиот двигател на оваа промена. На домашниот банкарски систем, заклучно со април, му имаат доверено 7,34 милијарди евра. Месечното зголемување е за 1,6 насто, а годишното за 10,5 насто. Притоа, најзначајно е влијанието на ориентацијата кон заштеди во денари и краткорочни и долгорочни орочени депозити.

Кај компаниите, сликата е поинаква на месечно ниво. Депозитите на корпоративниот сектор се намалени за 9,1 отсто во април, но и покрај тоа, на годишно ниво бележат раст од 6 насто.

Банките активно ја поддржуваат економијата преку зголеменото кредитирање. Како одговор на потребите на домаќинствата, во тој сегмент се пласирани 4,66 милијарди евра. Сумата во април се зголемила за еден насто, а годишнат промена е од позитивни 11,9 насто.

И понатаму најзастапени се потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките кредити изнесуваат 2,39 милијарди евра и растат со 1,2 масто на месечна и 11,2 насто на годишна основа. За решавање на станбеното прашање се користат 1,86 милијарди евра, а интересот на граѓаните  поттикнал месечен раст од 1,3 и годишен од 16,2 насто.

Повисоки се и средствата одобрени за купување автомобили (1,1% и 4,9%). Извесно намалување и понатаму се евидентира кај задолжувањето преку кредитните картички – 0,5 отсто месечно и 4,6 отсто годишно, како и кај кредитите одобрени врз други основи (-1,4% и -11,2%). Минусот на тековните сметки е понизок за месечни 6,3 отсто, а повисок за годишни 3,7 насто

Кај компаниите, пак, кредитите достигнуваат 4,67 милијарди евра и растат за еден насто на месечно и за 15 насто на годишно ниво. Притоа, бизнис-секторот сè повеќе се определува за  денарското задолжување.

Според податоците на Народната банка, паричната маса (М3) изнесува 10,36 милијарди евра. Споредено со април минатата година, во системот циркулираат за 9,4 насто повеќе пари. Во оптек е готовина од 63,026 милиони денари, односно над една милијарда евра.