Финансиското надзорно тело на Европската Унија предупреди на растечкиот долг и зголемената стапка на грешки при трошењето на средствата во својот најнов извештај, објавен во четвртокот.

Европскиот суд на ревизори (ЕЦА), независно тело на ЕУ задолжено за надворешна ревизија, процени дека 3,8 отсто од минатогодишните расходи од буџетот на ЕУ, не вклучувајќи го фондот за закрепнување, биле поврзани со прекршување на правилата на Унијата или на националните правила за користење на средствата. Тоа претставува зголемување во однос на 3,6 отсто во 2024 година и е значително над прагот од два отсто, кој Судот го смета за прифатлив.

Како што пренесува Euronews, овој процент не значи дека станува збор за измами. Сепак, ревизорите одделно пријавиле до надлежните органи на ЕУ 17 случаи за кои постои сомневање дека вклучуваат измама.

Тие ги повикаа креаторите на политики кои преговараат за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година да не ги повторат слабостите на програмата за стимулации воведена за време на пандемијата, врз која во голема мера се темели предложениот буџет.

Европската комисија, од друга страна, тврди дека воведените строги контроли се доволни за да се обезбеди правилно користење на нејзините средства.

Иако финансиските извештаи повторно добија позитивно ревизорско мислење, за расходите од буџетот на ЕУ беше дадено негативно мислење, седма година по ред. Тоа значи дека утврдените грешки биле доволно големи и распространети за значително да влијаат врз буџетот.

Највисоки стапки на грешки се забележани во кохезиската политика, односно во финансирањето мерки за вработување, економски раст и регионален развој, каде што стапката се зголемила од 5,7 на 6,6 отсто. Во областа на земјоделството и заштитата на животната средина, стапката на грешки се зголемила од 2,6 на 3,9 отсто.

Европската комисија, која го надгледува буџетот на ЕУ, процени дека стапката на грешки во кохезиската политика изнесува 2,3 отсто. Меѓутоа, ревизорите сметаат дека оваа проценка е „веројатно прениска“.

Од Комисијата, исто така, нагласија дека нејзините проценки и проценките на ревизорите „не можат директно да се споредуваат бидејќи се засноваат на различни надлежности и методологии“.

Тие додадоа дека минатата година биле спроведени превентивни и корективни мерки во вредност од девет милијарди евра и дека, по извршените корекции, конечната стапка на грешки во програмите што се засноваат на реално направени трошоци би требало да биде под два отсто.

Вкупниот неподмирен долг на ЕУ минатата година се зголемил за повеќе од 20 отсто, достигнувајќи 738,9 милијарди евра, а до 2027 година би можел да достигне еден билион евра (1.000 милијарди евра), наведуваат ревизорите. Главната причина за ова зголемување е пакетот за економско закрепнување NextGenerationEU (NGEU).

Долгот создаден во рамките на програмата NGEU ќе мора да се отплаќа во периодот од 2028 до 2058 година.