Трговската војна со Кина е одамна изгубена, изјави американски претседател Доналд Трамп критикувајќи ја нестручноста на своите претходници вчера откако Пекинг му возврати на Вашингтон со воведување царини на американските производи.
Сепак, министерот за трговија Вилбур Рос очекува двете земји да испреговараат договор.
„Не сме во трговска војна со Кина, таа војна одамна ја изгубија глупавите или неспособни личности што ги застапуваа Соединетите Држави“, објави Трамп на Твитер.
Тој повторно потсети на големиот трговски дефицит со Кина истакнувајќи дека изнесува 500 милијарди долари, иако во 2017 всушност беше 375,2 милијарди. „Со кражбата на интелектуалната сопственост, тоа се уште 300 милијарди. Така повеќе не може!“, напиша тој на својот твитер профил.
Неколку часа откако Трамповата администрација во вторникот објави привремена листа производи кои ќе се царинат по нова стапка, Пекинг возврати со своја листа производи со ист годишен износ: 50 милијарди долари.
Кина ја извлече тешката артилерија со која овојпат гаѓа стратегиски производи, меѓу кои сојата, автомобилите и авионските делови кои сочинуваат голем дел од нејзиниот увоз.
Американскиот министер за трговија Вилбур Рос очекува дека трговските потези кои во последните денови ги разменуваат САД и Кина многу веројатно ќе водат до постигнување договор, но тоа не се очекува пред крајот на мај.
„Не би било никакво изненадување по сето ова да постигнеме некакви преговори“, кажа Рос вчера за Ен-би-си.
„Многу е тешко да се одреди временски рок за преговори кои се толку комплексни“, истакна Рос, додавајќи дека очекува други земји да се „придружат на акцијата против Кина“ поради нејзината трговска практика.