Вкупните приходи се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП, а расходите се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари што е за 1,4 проценти повеќе од годинава. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП…
Собранието по петдневна расправа со 63 гласа „за“, 36 „против“ и ниту еден „воздржан“ вчера го донесе Буџетот за следната година.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП, а расходите се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари што е за 1,4 проценти повеќе од годинава. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. За капитални инвестиции за следната година се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите”, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со Буџетот ќе се обезбеди непречено финансирање на основните функции на државата, ќе се забрза економскиот раст и ќе се даде поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси.
Во текот на петдневната расправа, власта и опозицијата изнесоа спротиставени ставови.
За пратениците од власта, Буџетот е развоен и во насока на подобро справување со енергетската и здравствената криза. Сметаат дека Буџетот е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ се прифатените 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари од кои поголем дел се од опозицијата. За опозицијата, пак, Буџетот е нереален со голем број капитални инвестиции кои нема да се реализираат. Според нив, власта нема капацитет да ги спроведе приоритетните цели на граѓаните и државата.