Професионалните земјоделци имаат право на дополнителни субвенции. Кај три категории производители има и зголемување на финансиската поддршка од 5 до 20 проценти. За оваа намена во програмата за финансиска поддршка на земјоделството се одвоени 10 милиони денари.

Во првата категорија, условот за користење дополнителна помош од 5 проценти го остварува регистрирано правно лице што е основано од семејно-земјоделско стопанство со целиот земјоделски имот освен објектите за домување.

Втората категорија се младите земјоделци носители на семејно-земјоделско стопанство кои ќе имаат право на уште 10 проценти од основниот износ на субвенциите поради нивното останување во руралните средини и за стимулирање на работењето во оваа дејност.

Исто зголемување им следи и на земјоделските задруги за остварено и продадено производство преку задругата.

Четвртата категорија со поголема финансиска поддршка се регистрираните индивидуални земјоделци или регистрираниот земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

За нив, субвенциите се поголеми за 20 проценти. За помош за одделни категории носители на земјоделско стопанство во програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2023-та година се одвоени 10 милиони денари.