Официјално вчера истече рокот до кога банките требаше да ги отпечатат и да им ги стават на располагање на граѓаните сите домашни платежни картички. Но дел од приговорите се уште се проверуваат, дел се одобрени вчера, така што картичките ќе се изработуваат и наредната недела, велат од Министерството за финансии. Дополнително, на проверка чекаат уште 1.000 жалби, кои ако се прифатат, допрва ќе се печатат.

Вчера министерката Ангеловска информираше дека се прифатени под 20% од приговорите, или  8.330. Најмногу – скоро 5.000 од ученици и средношколци на кои државата им вети помош од по 3.000 денари. Од оваа категорија млади стигнаа и најмногу, 8.000 проговори,  а дополнително остануваат за проверка само 250.

„По извршените проверки прифатени се вкупно 8.330 приговори, или 4.893 млади лица од 16 до 29 години, 752 невработени лица со низок доход и 2.685 вработени лица со низок доход, вели Ангеловска.

Од ова министерство додаваат дека лицата кои поднеле приговор да не чекаат известување на маил,  туку сами да проверат дали се додадени на официјалната страна Купувам домашно.

Како дел од третиот сет мерки за надминување на последиците од  корона кризата , Владата директна помош им вети на над 325 илјади граѓани, односно на невработени, лица со низок доход, ученици, студенти и медицински лица. До сега испечатени и дистрибуирани се околу 200 илјади картички. Граѓаните картичките ќе можат да ги искористат до 15ти август.