Државните ревизори откриваат зошто уште не е изграден патот Кичево -Охрид за кој досега се инвестирани најмалку 575 милиони евра.

Ревизијата на ЈП Државни патишта открива дека до сега за патот Кичево-Охрид до ноември лани биле инвестирани 575 милиони евра, а е реализирана изградба за 429 милиони евра или 72 % односно околу три четвртини од патот.

Деценија по стартот на работите и еден ден по посетата на трасата од страна на надлежните, ДЗР со ревизорскиот извештај објавен денеска едноставно констатира и покрај пораснати трошоци за околу 45 проценти, патот Кичево-Охрид го нема.

Доцни поради промената на проектната документација која на почетокот пред една деценија имала серија недоследности, не била усогласена со терен, морало повторно да се проектираат тунели, мостови и потпорни ѕидови, морале да се изработат нови проектни решенија за стабилизирање на косините, а морало да се прават проекти и за нови патишта за исклучување.

  •  усогласување на проектната документација со реалните услови на терен;
  •  препроектирање на постоечка документација за тунел, усеци, вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, надпатници и подпатници;
  •  изработка на нови проектни решенија за стабилизација и заштита на косините на усеците и санација на свлечишта на целата траса од патната делница;
  •  изработка на проектна документација за 9 патни јазли и нови алтернативни патишта и подпатници за поврзување на населените места кои не биле предвидени со основниот проект;
  •  дополнителни геотехнички истражни работи поради променлива геологија на терен која не одговара на геологијата предвидена со проектите.

-Набројаните недостатоци за проектната документација, нерешените експропријации на земјиштето, како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва, стои во извештајот на ДЗР.

Свлечиштата и природата се побрзи дури и од внимателниот сеопфатен приод на ревизорите. Во извештајот стои дека имало 11, иако во декември се појавиле уште две, а најголемото е веднаш над Кичево и Кнежино, кое ги покрива речиси двете асфлатирани ленти на оваа делница.

Тој проблем допрва ќе се решава преку преговори со кинеската Синехидро, а Ревизорот советува во тие преговори да се земат предвид сите досега даден народни пари, но и да не се предизвикува дополнителна финансиска штета односно да се земат предвид „последиците во случај на раскинување на договорот и искористување на можноста од правна заштита“.

Во ревизорскиот извештај за „Државни патишта“ нотирани се и серија забелешки и неповолно мислење за реалноста, објективноста и законската усогласеност на финансиските извештаи на ова претпријатие со најголем буџет во државата.

Наведена е и недоволна подготвеност на ЈП „Државни патишта“ за планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници поради што се зголемува вредноста на склучените договори.