Вработените во јавната управа и правосудството в четврток и петок, на 7 и 8 овој месец, ќе ја прекинат работата во периодот од 10 до 12 часот.

Тие бараат достојни плати за живот, а прекинот на работата го организира нивниот синдикат УПОЗ, незадоволен од игнорантскиот однос на Владата кон нивното барање платите на овие вработени да се зголемат, бидејќи од овој месец се исплатува и зголемена минимална плата.

Од Владата во петокот информираа дека сите вработени во администрацијата овој месец ќе ја добијат новата минимална плата од 18.000 денари, но претходно треба Собранието да ги донесе измените на Законот за административни службеници, кој е ставен на дневен ред на седницата во вторник. Според Владата, ако законот со кој се пропишува минимална плата од 18.000 денари да се исплатува од март, не се донесе на време, тогаш разликата до новата минимална плата административците ќе ја добијат дополнително.

Но, за УПОЗ е битно да се изменат и серија други закони за да може да се реализира скалесто зголемување на платите по зголемувањето на минималната.