timthumb (1)Дозволено пречекорување на тековната сметка, или како што се нарекува – дозволен минус е еден од аспектите за кредитирање од страна на банките.

Дозволено пречекорување се доделува врз основа на редовни месечни примања, обично во износ од месечната плата. Во зависност од пакетот што го нудат банките, постојат варијанти на пречекорување во висина од две и повеќе месечни плати.

Дозволено пречекорување на тековната сметка е најскапата форма на кредитирање на граѓаните, затоа непходно е, доколку го користите, тоа да го правите со претпазливост и со добро познавање на трошоците за овој вид на кредитирање.

Детално информирајте се за ефективната каматна стапка при употреба на негативните салда кај тековните сметки и не двоумете се да ја промените банката доколку ефективната каматна стапка за користење на минус е пониска во друга банка.

Имајте во предвид дека каматата за искористените средства се пресметува секој ден и во ваш интерес е, колку е можно, да го користите пократок временски период. Секој ваш приход користете го за да го покриете пречекорувањето, затоа што значително ќе ги намалите трошоците за камата.

Пречекорувањето на тековна сметка, користете го само кога навистина ви е потребно. Пречекорувањето никогаш не го користите како долгорочен вид на кредитирање. Тоа служи да го премостите краткорочниот недостиг на пари.

Во оваа смисла, тоа е многу корисно во случаите кога ви касни платата, кај вонредни трошоци кои мора да се платат веднаш и слично.