Сто и пет прекршочни платни налози со вкупна вредност од 3.571.265 денари и 122 решенија изрекол Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во спроведени 709 инспекциски надзори на територијата на целата држава во периодот од 16 до 22 овој месец. Во тој период се извршени и 68 инспекциски надзори по Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки односно за ограничување на маржата, при што не се констатирани прекршувања и непочитување, информираа од ДПИ.

Од донесените 122 решенија, 103 се по Закон за финансиска дисциплина, седум по Закон за угостителска дејност, шест по Закон за трговија, три по Закон за заштита на потрошувачи, две по Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и едно решение по Закон за Државен пазарен инспекторат.

Од издадените прекршочни платни налози 48 се по Законот за финансиска дисциплина, 21 се по Законот за угостителска дејност, 20 по Законот за заштита од пушењето, девет се по Закон за трговија, три по Законот за Државен пазарен инспекторат, по два по основ на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрира на дејност, односно по Законот за заштита на потрошувачи.