Нелегалното градење не запира. На диво не градат само граѓаните, туку и државата, потврдуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Општината и давачките кон неа се заобиколуваат не само за изградба на домови, туку и за викендички, тераси, гаражи, деловни простории…

Лани на територијата на целата држава бесправно се подигнати вкупно 739 објекти. Тоа се официјалните бројки, а според познавачите на состојбите, реално ги има најмалку двапати повеќе. Од вкупниот број, 210 или 28,4 проценти се објекти за домување, 102 или 13,8 се доградби, надградби и адаптации, 73 или без малку 10 проценти се деловни објекти, 29 или околу четири проценти се  гаражи, потоа 128 се огради, а  има и шест скалила и уште толку тераси и летни тераси, 71 натстрешник, 23 привремени и 85 помошни објекти.

Речиси сите, или 95,7 проценти од новите дивоградби се во приватна сопственост, но од градење без дозвола не се воздржала ни државата, која подигнала дел од останатите 4,3 проценти од нелегалните објекти.

Најголем дел од објектите за домување се исклучиво станбени. Регистрирани се вкупно 134 такви. Има и шест дивоградби кои се претежно станбени, а без дозвола се подигнати и 70 викендички. Државата на диво изградила вкупно 24 објекти, од станови, преку деловни простории, гаражи, летни тераси, привремени и помошни објекти… до викендички.

Дивоградби лани никнувале низ целата држава, а најмногу во Скопје, каде што секој седми е новорегистриран нелегален објект. Во главниот град најмногу дивоградби за домување има во Бутел, вкупно 20, а низ целата држава најбројни се во Теарце, вкупно 56 и во центар Жупа – 26.

Од објектите што ги изградиле граѓаните 131 се станови, а 68 се викендички. Државата, пак си дозволила без потребната дозвола и без да плати комуналии да изгради еден стан и два објекта за одмор и рекреација.

Најмногу викендички без дозвола се изградени во Центар Жупа, Теарце и Маврово Ростуше. Дивоизградените станови, пак, се најбројни во Бутел, Дебар, Охрид и Теарце.

Додека Државниот завод за статистика секоја година ги пребројува дивоградбите, надлежните органи во државата молчат. На прсти може да се пребројат урнатите во последниве години и тоа под притисок од јавноста. Без целосен ефект е и деценискиот објект за дивоградбите да се обезбеди имотен лист со плаќање ниски комуналии од едно евро за квадрат. Од вкупно тогаш пријавени 400 илјади за една деценија се легализираа нешто над 260 илјади дивоградби. Веќе неколку години се прави нов обид за легализација на дивоградбите, а според експертите, тоа е и нов поттик за градење на диво. Прво се донесе закон со кој за легализација на дивоградбите се предвидоа повисоки комуналии од редовните, но тој не го доби потписот од претседателот на државата. Потоа до пратениците стигна модифицирана верзија, која сè уште чека на нивниот глас, а од екологистите и другите експерти е оценета како еднакво неповолна, зашто дозволува легализација на дивоградбите во заштитени подрачја, национални паркови и на слични површини.