Европската комисија предлага измени во примената на условот за буџетски дефицит во земјите на ЕУ. За секоја земја со дефицит од повеќе од 3 отсто од БДП или јавен долг поголем од 60 отсто од БДП, Европската комисија ќе издаде технички упатства за да може да се предвиди реално намалување на долгот или тој да остане во разумни граници, со среднорочен дефицит под три проценти од БДП.

За земјите со дефицит под 3 отсто од БДП и јавен долг под 60 отсто од БДП, комисијата ќе обезбеди технички информации со цел дефицитот да се задржи под три отсто од БДП на среден рок, пренесе БТА.

Комисијата забележува дека предлозите се поврзани со промените во економското опкружување и потребата од економски раст и инвестиции. Предлозите се однесуваат на потребата да се намалат зголемените нивоа на јавен долг, истовремено поддржувајќи го напредокот кон зелената и дигиталната транзиција. Се очекува промените да го поедностават економското управување.

На земјите од ЕУ им се предлага да подготват и презентираат планови со фискални цели, мерки за справување со макроекономските нерамнотежи и клучни реформи и инвестиции за најмалку четири години.

Овие планови ќе бидат оценети од ЕК и ќе бидат предмет на одобрување од Советот на ЕУ. Инкорпорирањето на фискалните цели, реформите и инвестициските намери во единствен среднорочен план ќе помогне да се создаде кохерентна реализација.

Тоа ќе им даде на земјите поголема слобода во одредувањето на нивните сопствени патишта за фискално прилагодување и реформски и инвестициски обврски, се вели во соопштението на Комисијата. Државите ќе поднесуваат годишни извештаи за напредокот за да го олеснат следењето на овие цели.