Индустриските-зелени зони да заживеат во пракса и да станат атрактивни за инвеститорите, предвидува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски – зелени зони, поставен за коментари на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Во Македонија досега не е основана ниту една индустриско-зелена зона, иако со сегашното законско решение се дава основа за тоа.

Во насока на регулирање на поволностите и можностите за корисниците на зоните, со цел тие да станат поатрактивни за инвеститорите, со Предлог законот на Министерството за економија се предвидуваат одредени поволности (државна помош) за инвеститорите.  Помошта би била за секоја продуктивна инвестиција на корисникот чиј износ зависи од висината на инвестицијата, за обуки и стручни усовршувања на вработените лица и помош за заштита на животна средина, согласно  Законот за контрола на државната помош.

Се дава можност и на досегашните постојни локации каде се вршат индустриски дејности да се организираат во индустриски зони согласно овој закон и да користат државна помош.

Се предлага унифицирање на одредбите кои се однесуваат на субјектите кои може да ја основаат зоната кои се применуваат на индустриски зони со оние кои се применуваат за зелени зони,  се врши јасно разграничување на случаите кога различни јавни субјекти може да основаат зона и се дефинираат условите за вршење дејност во зелена зона. Со подзаконски акти Владата попрецизно би ги определила дејностите што може да се вршат во индустриска и зелена зона.

Со предложеното законско решение, меѓу останатото, се воведува нова одредба со која се дефинира значењето на поимите „основач“ и „оператор на зона“. Има можности  општината да биде основач, а оператор јавно претпријатие формирано од општината, Владата основач, а оператор Дирекцијата за тенолошки индустриски развојни зони, а основач ќе може да биде и Министерството за економија  при што оператор би бил трговско друштво, со примена на Законот за јавно приватно партнерство.

Според Предлог,  услов за основање зона ќе биде и изработена физибилити студија за оправданост. Се дава правен основ со општ подзаконски акт да се пропишат поконкретно дејностите кои може да се вршат во зелената зона (преработка на органска храна, производство на електрична енергија од обновливи извори и производство на база на рециклирање), а исто така се определуваат и критериумите за вршење на дејност во зелените зони (енергетска ефикасност на објектот, примена на систем за управување со животна средина, намалено загадување на воздухот, намалена бучава, примена на систем за управување со отпад и за собирање на отпадни води).

Се предлага воспоставување на единствен регистар на индустриски зелени зони, кој ќе го води Министерството за економија.