До порталот Работник пристигнаа прашања од читатели во однос на шестте илјади денари од четвртиот пакет мерки, односно до каде е нивната исплата.

Порталот Работник испрати прашања до Владата, од каде ни одговорија дека очекуваат исплатата на овие пари да заврши во текот на овој месец и дека Генералниот секретаријат на Владата потпишал Анкес – договори со банките и ги испратил ажурираните листи со имиња на 22 илјади граѓани.

„По усвојувањето во Собрание на амандманот на Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, со кој до 31.05.2021 година се продолжува рокот за исплата на еднократната помош од 6.000 денари, од четвртиот пакет мерки, Генералниот секретаријат на Владата потпиша Анекс-договори со банките и ги испрати ажурираните листи со имиња на 22 илјади граѓани, по што ќе се изврши исплатата на помошта. Очекуваме целиот процес да заврши во текот на овој месец“, истакнаа од Владата за порталот Работник.

Од таму посочија дека законската измена ги покрива граѓаните кои имаа блокирани сметки и неажурирани податоци до 25.12.2020.

„Претходно, на почетокот на јануари, Владата достави до Собранието измена на Законот за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани за продолжување на рокот до 31 март 2021. Граѓаните треба да бидат спокојни, парите се обезбедени. Владата прави сѐ тие да стигнат до оние на кои им се најпотребни“, потенцираа од Владата.

Имено, четвртиот пакет на мерки, заедно со петтиот, беа заглавени неколку месеци во Собранието, поради немањето на кворум.

Со оваа мерка опфатени се пензионерите, пасивните баратели на работа, самохраните родители и други ранливи категории.