Триесет најголеми претпријатија основани од државата и од единиците на локалната самоуправа во 2019 година  оствариле вкупни приходи од 732 милиони евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации за работењето на државните претпријатија 2015-2019 година и базата на податоци која овозможува преземање на завршните сметки на претпријатијата.

На крајот на 2019 година во нив работеле вкупно 22.140 работници.

Анализата се однесува на работењето на претпријатијата во периодот од 2015 до 2019 година во кој овие претпријатија го зголемиле вкупниот приход само за 2 отсто.

Просечната стапка на профитабилност за 5 години изнесува скромни 6 отсто, а во 2019 година профитабилноста покажува извесно подобрување (6,5 %). Средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит би ги обновиле за 38 години, а вложениот и заработен капитал би го вратиле за 32 години. Во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години.

Според анализата наплатата на побарувањата на државните претпријатија е слаба алка на работењето и изнесува 253 дена за 5-те години, односно 205 дена за 2019 година. Плаќањето, пак, на нивните обврски кон другите учесници на пазарот изнесува скоро двојно повеќе. Просечното плаќање на обврските е 484 дена, додека за 2019 тоа изнесувало една година. Вообичаено во бизнисот, компаниите што плаќаат со олку долги рокови се избегнуваат или им се даваат значително повисоки цени од пазарните.

Нивните вкупни долгови се малку повисоки од нивниот капитал и резерви, додека степенот на самофинансирање е во зоната на безбедност (88% во просек за 5 години, односно 91% за 2019 година). Претпријатијата, меѓутоа, успеваат да работат позитивно, покривајќи ги вкупните расходи во целост и остварувајќи вишок на приходи од 4 % (за 2019 година 3 %). Тие поседуваат доволно парични средства за покривање на краткорочните обврски.

Издвојуваме дел од поголемите пртпријатија чии податоци се анализираат:

Според оваа анализа вкупните приходи на АД ЕСМ, на пример, во 2019 година се помали за околу 21% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година.Претпријатието располага со слаба ликвидност за покривање на краткорочните обврски (10%, односно 20%), а обврските кон добавувачите просечно ги плаќало за 341 денови. Во 2019 година наплатата се вршела за  70 денови.

Вкупните приходи на Јавно претпријатие за државни патишта Скопје во 2019 година се поголеми за околу 47% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година.Претпријатието располага со парични средства за покривање на краткорочните обврски од 56%, односно 39% за 2019 година. Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 228 денови.Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 43 денови.

АД МЕПСО Скопје во 2019 година  оствари вкупни приходи поголеми за околу 4,1% во однос на вкупнитеприходи искажани во 2015 година. Претпријатието располага со висока моментна ликвидност за покривање на краткорочните обврски (100%, односно 214%).Обврските кон добавувачите за 5 години просечно ги плаќа за 103 денови.Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 42 денови.

Железници – Транспoрт АД-Скопје во 2019 година оствари вкупни приходи  помали за 21,5% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година. Претпријатието постојано искажува загуба во работењето во анализираниот 5 годишен период. Располага со лоша ликвидност за покривање на краткорочните обврски (4% просечно, односно 1% за 2019 година).Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 1040 денови.Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 1,074 денови.

Вкупните приходи на ЈП за железничка инфраструктура МЖ, Скопје во 2019 година се помали за 9,6% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година..Претпријатието располага со слаба ликвидност за покривање на краткорочните обврски (17% просечно, односно 26% за 2019 година). Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 255 денови .Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 224 денови

Во 2019 година вкупните приходи на АД Пошта на Северна Македонија во 2019 година се помали за околу 12,8% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година.Претпријатието располага со одлична ликвидност за покривање на краткорочните обврски (182% просечно, односно 93% за 2019 година).Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 120 денови.Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 151 денови.

Вкупните приходи на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје во
2019 година се поголеми за 48,4% во однос на вкупните приходи искажани во 2015 година. Компанијата располага со слаба ликвидност (парични средства) што произлегува од лошото работење и лошата финансиска состојба на компанијата. Моментната ликвидност е нула. Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 409 денови.Плаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 472 денови.

АД М-НАВ, Скопје во 2019 година бележат раст од 39,2%  на вкупните приходи, споредено со 2015 година..Претпријатието располага со одлична моментна ликвидност од 815% во просек и 703% за 2019 година.Обврските кон добавувачите просечно ги плаќа за 78 деновиПлаќање на обврските кон добавувачите во 2019 година 127 денови.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.