Загуба од 28 милиони евра регистрирала државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ во 2021 година.
Ова следувало откако една година претходно, во 2020 година, загубата на ЕСМ била исто така висока, и била на ниво од близу 17 милиони евра.

Овие податоци можат да се видат во финансиските извештаи кои државната компанија ги објави на Берзата дури вчера, иако станува збор за финансиски извештај од сега далечната 2021 година.

На извештајот на ЕСМ од 2021 година долго време се чекаше, иако неофицијално се зборуваше дека компанијата ќе прикаже голема загуба.

Неодамна тој извештај беше одобрен и на владина седница, а дали тоа е причината што толку долго се чекаше на негово објавување, не е познато.

Ако во 2021 година, кога енергетската криза не беше толку разгорена, загубата била 28 милиони евра, се поставува прашањето со каков финансиски резултат АД ЕСМ ќе ја финализира тукушто завршената 2022 година, кога енергетската криза удри најсилно што можеше, а ЕСМ потроши многу пари за набавка на струја, како и на субвенционирана продажба, со цел да се намали колку толку ударот на клучните компании во земјава. Набавките на струја од надвор кога нема доволно од домашно производство се многу скапи, а за овие нбавки плаќа и државата, и тоа од буџетски средства.