Колку се вистинити и објективни финансиските извештаи на Министерството за финансии за 2021 година?! Државните ревизори по извршените анализи и проверки на документацијата, во конечниот извештај наведоа мислење со изразена резерва.

Според Државниот завод за ревизија, констатирано е дека пописот на средствата не е извршен целосно согласно Правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.

Целта на ревизијата е ревизорите да се уверат дали финансиските извештаи даваат погрешен приказ на состојбата, било да е тоа поради измама или поради грешка.

ПОПИСОТ НА ПОСТОЈАНИТЕ СРЕДСТВА И УСОГЛАСУВАЊЕТО НА ФАКТИЧКИ УТВРДЕНАТА СОСТОЈБА СО СМЕТКОВОДСТВЕНА ЕВИДЕНЦИЈА Е ИЗВРШЕНО ПО ЛОКАЦИЈА И ПРОСТОРИИ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, БЕЗ ДА СЕ ИЗВРШИ ЗБИРНО УСОГЛАСУВАЊЕ НА НИВО НА ЦЕЛО МИНИСТЕРСТВО, КАКО И ПО АНАЛИТИЧКИ КОНТА, СО ШТО Е ОТЕЖНАТО ПОТВРДУВАЊЕТО НА СОСТОЈБАТА НА ЕВИДЕНТИРАНИТЕ СРЕДСТВА, КАКО И ВРЕДНОСНОТО УТВРДУВАЊЕ НА КУСОЦИ ИЛИ ВИШОЦИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ ОД ЦЕНТРАЛНАТА ПОПИСНА КОМИСИЈА, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ДЗР.

Во извештајот на ДЗР се наведува дека постои потреба од усогласување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со закони кои го регулираат основањето на државни органи и институции.

Се нотира дека во тек е и постапка на донесување Предлог-закон за вработените во јавниот сектор во кој е утврдена висината на платата на посебните советници во одделните институции.

Покрај искажаната резерва за вистиноста и објективноста на финансиските извештаи на Финансии, ревизорите во извештајот наведуваат и дека пописот на градежните објекти кои ги користи министерството е извршен без имотните листови, а не е попишан ниту ситниот инвентар со кој располага институцијата.

35 објекти за кои Министерството имало обезбедено имотни листови, сметководствено биле евидентирани без вредност, поради необезбедена документација за утврдување на вредноста.