НАФТЕНИТЕ РЕЗЕРВИ ПОД ЛУПА – ПРОБЛЕМИ СО ОДЛУКИ И КОНТРОЛИ

Државниот завод за ревизија откри низа слабости во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за 2024 година. Осум години стои нерешена позајмица од 600.000 килограми мазут дадени на Министерството за одбрана, со што се намалени расположливите количества на стратешкиот енергент. Ревизорите укажуваат и на ненавремено донесување одлуки за количеството и структурата на резервите, како и на пропусти во контролата на работењето и исплатите

Кога ќе се спомнат државните нафтени резерви, првата асоцијација е сигурност – нешто што треба да стои на страна за црни денови, кога државата ќе се најде во криза и кога секој литар гориво ќе биде важен. Но, најновиот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека зад резервоарите полни со нафтени деривати стојат и низа проблеми кои со години не се решаваат.

Ревизорите направиле проверка на работата на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви во 2024 година и утврдиле повеќе слабости – од начинот на планирање на резервите, преку управувањето со парите и вработените, па сè до прашањата околу користењето на државните резерви во кризни ситуации.

Најголемиот аларм во извештајот е токму тоа што 600.000 килограми мазут, кои требало да се вратат уште во 2017 година, и по осум години сè уште не се вратени во задолжителните резерви. Станува збор за количество што Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, по одлука на Владата, му го дала на Министерството за одбрана за потребите на Армијата, количеството подоцна требало да биде надополнето. Но, како што утврдува ревизијата, тоа не се случило ниту во следните години.

– Со одлуки на Владата, Агенцијата (тогашна Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати) издала краткорочна позајмица од 600.000 килограми мазут од задолжителните резерви на Министерството за одбрана за непречено остварување на функциите на Армијата, со обврска, позајмените количества да се вратат до 31.12.2017 година – стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Но, осум години подоцна, количествата сè уште не се вратени, а тоа значи дека државните резерви се намалени за овие количества. Ревизорите посочуваат дека, за дадениот мазут, Агенцијата има побарување од Министерството за одбрана во износ од 16,7 милиони денари, односно околу 271 илјада евра, пресметано според вредноста на нафтените деривати во периодот кога биле издадени.

– И во текот на 2025 година, количествата не се вратени од Министерството, поради што, за издадените количества е искажано побарување од Министерството во износ од 16.714.000 денари согласно со вредноста на нафтените деривати утврдени со одлука на Регулаторната комисија за енергетика во периодот на нивното издавање – наведуваат ревизорите.

Од Државниот завод за ревизија укажуваат дека ваквата состојба не е мала работа, бидејќи директно се одразува врз нивото на задолжителните резерви со кои располага државата.

– Имајќи предвид дека количествата не се вратени речиси осум години, ревизијата укажува на потребата Агенцијата во соработка со Владата и Министерството за одбрана да продолжат со активности за решавање на состојбата, со цел намалување на ризиците за одржување на потребното ниво на резерви на мазут – пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите дополнително укажуваат дека проблемот со планирањето на резервите не е само кај мазутот. Утврдено е дека не биле доставени предлог-одлуки за количеството и за структурата на задолжителните нафтени резерви за повеќе години, поради што Владата немала донесено соодветни одлуки.

– Не се доставени предлог-одлуки за количеството и за структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство за годините 2022, 2023, 2024 и 2025, поради што Владата ги нема донесено потребните одлуки – констатираат ревизорите.

Тоа практично значи дека не било навремено утврдено колку и какви резерви треба да има државата во одреден период. Една од препораките наведени во извештајот е „одговорното лице на Агенцијата да продолжи со мерките и активностите за навремено донесување одлука за количеството и структурата на задолжителните резерви за тековната година“.

Освен кај резервите, ревизорите нашле забелешки и кај работењето со вработените и исплатата на надоместоците. Посочено е дека евиденцијата за прекувремена работа не е целосна – за дел од вработените постојат податоци за реализирани прекувремени часови, додека за други, таква документација не била обезбедена.

– Ревизијата утврди дека евиденцијата за прекувремена работа не е целосна, односно за дел од вработените постојат податоци за реализирани прекувремени часови, додека за дел од вработените не е обезбедена таква евиденција – стои во извештајот.

Забелешки се дадени и за исплатата на платите и надоместоците. Според ревизорите, исплатите биле вршени врз основа на бодови кои се повисоки од утврдените со Законот за административни службеници.

– Исплатата на плати и надоместоци на плати се врши врз основа на бодови кои се повисоки од утврдените со Законот за административни службеници – се наведува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите предупредуваат дека ваквата состојба не е само административен проблем, туку може да стане сериозен ризик во момент кога државата би имала потреба од целосно подготвени резерви. Особено затоа што задолжителните резерви не се создаваат за секојдневна употреба, туку за моменти кога работите ќе тргнат наопаку – кога ќе има нарушување на снабдувањето, енергетска криза или непредвидени ситуации на пазарите.

Финансиските извештаи се однесуваат за периодот кога со Агенцијата раководеле Уљси Бекири, в.д. директор од 22.02.2022 година до 30.07.2024 година и Неџмедин Садики, в.д. директор од 30.07.2024 година.