Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека сега нема основа да се реагира и да се носат мерки за ублажување на цените на прехранбените продукти затоа што според него имало одредено поевтинување кај овошјето и зеленчукот.

Дурмиши денеска повторно со добро познатата изјава – инспектори од Пазарниот инспекторат се на терен и спроведуваат контроли, ако утврдат дека има зголемување, ќе бидат преземени мерки.
– Ќе ја анализираме ситуацијата до крајот на месецот, може да го намалиме ДДВ-то за прехранбените производи како што реагиравме во делот на горивата. Нашите контроли се вршат врз маржите што ги ставаат производителите, трговците и дистрибутерите. Ако видиме дека во вакви услови на криза се однесуваат девијантно и ги зголемуваат маржите, ќе реагираме, изјави денеска Дурмиши.
Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека во април инфлацијата бележи годишно зголемување од 5,7 проценти, а трошоците на живот се зголемени кај храната за 0,7 проценти, алкохолните пријалоци и тутунот за 1,2 проценти…
Зголемување на трошоците на живот евидентира и Сојузот на синдикати на Македонија кој ја изработува минималната потрошувачка кошничка. Според нивните податоци, во април за речиси илјада денари се поскапи минималните трошоци на едно четиричлено семејство.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка во април изнесува 68.797 денари, а со изнајмен стан од 60 квадрати 84.172 денари. За првите три месеци во годинава, минималните трошоци на четиричлено семејство се зголемени за 3,305 денари.