evroВо последниве неколку дена, еврото зајакна во однос на речиси сите други големи светски валути. За зајакнување на еврото постојат две причини.

Првата причина е состанокот на првите луѓе на Европската централна банка (ЕЦБ) кој се одржа во четвртокот, после кој претседателот на ЕЦБ Марио Драги, изјави дека ЕЦБ е задоволна од ефектот на инјектирањето на 60 милијарди евра месечно во финансискиот систем на еврозоната. Инвеститорите на финансиските пазари оваа изјава ја толкуваат како знак дека нема да има потреба за продолжување на времетраењето на програмата, која треба да заврши во септември 2016 година па нагло почнаа да купуваат евра и со тоа ја зголемија неговата вредност.

Втората причина за зајакнување на еврото е затворањето на дел од големите продажни налози на еврото кои шпекулантите масовно ги отвораа последната година дена. Всушност, според податоците за фјучерс договорите на американскиот пазар, во моментов околу 83% од големите шпекуланти на еврото имаат отворени продажни позици, што значи дека тие очекуваат натамошно слабеење на европската валута.

Бидејќи речиси сите учесници на пазарот, веќе ги имаат продадено еврата, недостасува нова побарувачка, што на краток рок може дополнително да го ослабне девизниот курс на еврото. Во таква ситуација доволна е релативно мала побарувачка за еврото, што ќе предизвика лавина на затворање на продажните налози и нагло зајакнување на еврото во овој случај. Оваа ситуација се нарекува “short squeeze” и не е невообичаена на финансиските пазари.

Бидејќи се уште големо мнозинство на шпекуланти очекува слабеење на еврото, аналитичарите на Admiral Markets веруваат дека е можно “short squeeze” да продолжи во наредните недели. Во текот на овој период еврото може да зајакне неколку проценти во однос на доларот и другите валути, но тоа зајакнување, најверојатно, ќе биде привремено.

Економската ситуација во Велика Британија, Швајцарија и САД се уште е осетно подобра отколку во еврозоната што ќе допринесе за натамошно јакнење на валутите на овие земји во однос на еврото. Покрај тоа, по шест години на рекордно ниски каматни стапки во САД, се очекува ФЕД да започне со затегнување на монетарната политика. Кога тоа се случи (најверојатно во септември), ќе има уште еден бран на зајакнување на доларот во однос на другите валути, вклучително и еврото.

Ние не треба да заборавиме на политичката ситуација во Европа. Неизвесноста во врска со отплата на грчкиот долг и можениот излез на Грција од еврозоната, ситуацијата во Украина и лошите односи со Русија исто така може да доведе до трансфер на капитал од евра кон други побезбедни валути, а тоа ќе резултира со слабеење на еврото.