Движењето Антикоцкање од Тетово смета дека предлогот на Владата за оддалечување на објектите за игри на среќа 500 метри од училишта не е сјајно решение, но се надеваат дека тоа ќе придонесе, како што велат, спортските обложувалници и казина да не бидат во градовите. Тие досега бараа со километри да бидат оддалечени објектите за игри на среќа од населените места.

-Не е сјаен законот како што ние баравме. Ние сме барале три километри да бидат оддалелечни, како Движење Антикоцкање. Ние мислиме дека од овој закон ќе ги расчисти сите овие спортски обложувалници и казина од нашите градови. За Тетово и за некои градови е голем успех, ќе се расчиститат сите овие валкани игри. Тие не се игри на среќа, тие се игри на несреќа, но државата и цел свет ги вика игри на среќа и мислам дека овие помали градови што се пренатрупани со игри на среќа ќе се расчистат. Сите овие пратеници што го гласаат овој закон, крајно време беше да размислат за овој народ и оваа наша држава, изјави Јуши Емурлаи од Движењето Антикоцкање.

Претставникот на ова здружение, смета дека оддалечувањето на објектите за игри на среќа од училишта е според европските стандарди.

-Почнато од некаде,ние ќе го тераме до крај. Седма година се бавиме со оваа проблематика. Немаше помрднато ниту еден камен. Крајно време беше дека, ако мислиме дека ќе одиме за Европа со овие спортските обложувалници и казина, немаше да има место за нас во Европа. Крајно време беше да размислат да ни отвори патот за Европа со затворање на овие игри на среќа. Сакаме овој закон да се реализира, да не остане законот само на хартија, затоа што во Македонија претежно сите закони се добри ама остануваат во канцеларии. Ќе тераме до крај да се спроведе до крај овој закон и оваа младина да се спаси од овие игри на среќа, изјави Јуши Емурлаи.

Владата на вчерашната седница утврди Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии со што се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Извршната власт образложи дека со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум.