Бизнисот пред нов финансиски удар. Новиот закон за заштита на потрошувачите, според кој декларациите, гаранциите, сертификатите и останатите документи треба да бидат двојазични – покрај на македонски и на албански јазик, ќе значи дополнителен товар.  Во време на криза, наместо да им  се олесни работењето на фирмите, власта им воведува дополнителни давачки. Засегнати се сите гранки – покрај производители на прехранбени производи и  трговци, увозници на бела техника, облека и обувки, фармација или точно 13 гранки.

– Покрај оваа криза, се воведуваат нови давачки. Тоа значи ако некој производител произведува 10,000 производи на ден и штампа по една етикаета, кој е 1 денар, за 10,000 производи тоа се 150 евра дневно или по 30 дена, 5,000 евра. Тоа се 5,000 евра дополнителен трошок за фирмите. Затоа сметам дека ова е несоодветно, изјави Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро бизнис комора .

Од министерството за економија, предлагачи на законот велат дека е изгласан во Собранието, со консензус од сите политички партии и бадентер уште во ноември. За сите производи кои се внесени пред стапуањае на сила на новиот закон не е потребно двојазично обележување, додека за целата стока влезена по стапување на сила на законот, потребно е двојазично обележување.

Бизнисот пак негодува  – законот е донесен преку ноќ, без консултација со засеганите. Затоа ќе бараат пролонгирање на примената.

– Јас немам ништо против употребата на албански јазик, имам против зголемувањето на трошоците на фирмите. Затоа ќе бараме пролонгирање на примената, додека не се најде прифатливо решение без зголемување на трошоците, додава Горѓиевски.

Државниот пазарен инспекторат веќе е на терен. Но се уште не казнува, тука дава препораки и опомени. Според нив, логично е да има одреден период на адаптација, а потоа да се изрекуваат парични глоби. Инаку, казните за непочитување се движат од 500 до 10,000 евра за компаниите и одговорните лица.