Органите на државната управа не се усогласени со обврските за дигитализација на постапките, мала е заинтересираноста за приклучување на платформата, а постои и константен недостаток на вработени ИТ лица како и отсуство на тело за координација и следење на развојот, се главните заклучоци од Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност (ИТ ревизија) на тема „Функционалност на платформата за интероперабилност помеѓу институциите од јавниот сектор“, што денеска го објави на својата веб страница Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Во извештајот се нагласува дека само околу три отсто од институциите од јавниот сектор се поврзани на платформата за интероперабилност.

Како што велат од ДЗР, целта на извршената ревизија е да даде оценка на функционирањето на платформата за меѓусебно поврзување и користење на информации и податоци помеѓу институциите од јавниот сектор во насока на ефикасно користење на платформата.

– Платформата за интероперабилност е значаен фактор во процесот на дигитализација. Со ревизијата стекнавме разумно ревизорско уверување дека донесена е соодветна законска и подзаконска регулатива за електронски документи и електронско управување, но констатиравме отсуство на правно регулирани стандарди за ИТ безбедност кои треба да бидат имплементирани од институциите во државата. Воедно не е формирано координативно меѓу ресорско тело за следење на развојот на платформата, посочуваат од ДЗР.

Истакнуваат дека во извештајот, изготвен согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година, недостасуваат одобрени развојни документи, стратегии, акциски планови, управување со ИТ ризици, заради усогласеност во развојот на нови и надградби на постојните информациски системи кои се користат во институциите.

– Националната ИКТ стратегија 2021 – 2025 година се уште не е одобрена, не се утврдени ризици од нефункционалност на платформата и акциски планови за надминување на ризиците. Во ревидираниот период 2019 – 2021 година не се констатирани пријавени состојби за прекин на достапноста на платформата, но 338 денови во ревидираниот период или 37 отсто е без склучен договор за одржување на платформата за интероперабилност. Во континуитет работните места за ИТ се пополнети со 50 отсто, од систематизираните, во услови на континуиран одлив на обучен и искусен ИТ кадар, заклучува ДЗР во извештајот.

Се посочува дека како резултат на состојбите со ИТ кадар отсуствува и сертификација за безбедност на информациските системи кои се или ќе се приклучат на платформата за интероперабилност.

– МИОА не врши проверка на безбедноста и интероперабилноста на информациските системи кои ги користат органите преку единствената околина. Иако воспоставената платформата за интероперабилност е оперативна, истата ја користат мал дел институции, нема приклучување на нови корисници, а размената на податоци помеѓу институциите и реализираниот сообраќај на платформата бележи благо опаѓање. Средната вредност за процесорското оптоварување на централната точка на платформата е 6 отсто. Поради овие состојби, единечната цена на чинење за пренос на една порака наместо да се намалува, истата низ годините се зголемува, порачуваат од ДЗР.

ИТ ревизијата на успешност го опфати периодот 1 јануари 2019 до 31 декември 2021 година, како и одредени области, прашања и настани пред и последователно до денот на известување од извршената ревизија.