Стапката на невработеност во второто тримесечје од 2026 година изнесува 11,3 проценти, додека стапката на вработеност достигна 46,6 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според статистичкиот извештај, бројот на активното население во земјава изнесува 798.718 лица, што претставува зголемување од 0,8 проценти во споредба со истиот период минатата година. Од нив, 708.698 лица се возат како вработени, додека 90.020 се невработени.

Во однос на минатата година, бројот на невработени лица бележи намалување од 1,5 отсто, додека бројот на вработени е зголемен за 1 процент.

Податоците на ДЗС покажуваат разлика во половата структура. Од вкупниот број невработени, 63,6 отсто се мажи, а 36,4 отсто се жени. Кај вработените, пак, 57,7 отсто се мажи, а 42,3 отсто се жени.

Во вториот квартал од годинава е регистриран и пораст на неформалната вработеност за 7,2 проценти во споредба со претходното тримесечје, со што вкупниот број на неформално вработени достигна 101.022 лица.

„Порастот во најголема мера произлегува од зголемениот број неформално вработени во дејноста земјоделство, шумарство и рибарство, каде се евидентирани 51 487 лица, или 51 отсто од вкупната неформална вработеност. Во градежништвото се концентрирани дополнителни 17,2 отсто од неформално вработените. Ваквата структура укажува дека сезонските активности во овие две дејности имаат клучно влијание врз кварталните движења на неформалната вработеност“, посочуваат од ДЗС.