ССМ веќе ги обвини лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДЕПМНЕ дека заговараат и бараат уназадување на работничките права – првиот со најави за кратење на платите во јавниот сектор, а другиот со предлогот да се укине недела неработен ден оти имало вишоци струја

Прескапата струја ќе „вмеша прсти“ и во легислативата, откако сè погласно се бара да им се овозможи на компаниите да работат во недела за да имаат поевтина енергија. Стопанската комора на Македонија не се откажува од намерата за промена на Законот за работни односи во делот на неработната недела и инсистира Уставниот суд да ја изврши својата функција и да ја оцени неговата уставност. Бизнисот смета дека се наоѓаме во сосема други услови од времето кога е донесен законот. Од СКСМ за „Слободен печат“, потсетуваат на јавно изнесениот став на претседателот Бранко Азески „дека ќе дојде време кога сите ќе сфатат дека овој закон е неупотреблив и ќе биде повлечен“. Од најголемата бизнис-асоцијација велат дека и натаму остануваат доследни на својата определба да им помогнат на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија. Дали неработната недела ќе стане жртва на скапата струја е сосема неизвесно, оти ССМ веќе ги обвини лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ дека заговараат и бараат уназадување на работничките права – првиот со најави за кратење на платите во јавниот сектор, а другиот со предлогот да се укине недела неработен ден оти имало вишоци на струја.

Стопанската комора на 11 јануари годинава поднесе Иницијатива до Уставниот суд  за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на РСМ бр. 288/2021), за законското решение со кое се уредува користењето на неделниот одмор преку воведување забрана за работа во недела и таксативно исклучување на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи друг ден во неделата, при што се укажа дека истото не е во полза ниту за економските субјекти, ниту на работниците, и директно се задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата. Истовремено, а во врска со измените на ЗРО околу недела неработен ден, Комората поднесе Иницијатива до Уставниот суд и за оценување на уставноста на членовите 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на РСМ бр.295/2021).

– По разговорите и средбите со Владата, на 21 јануари годинава, Комората јавно излезе со став дека, ќе ги повлече двете поднесени иницијативи пред Уставниот суд, доколку дојде до прифатливо решение и за двете страни и се елиминираат проблематичните решенија во законот што го кочат редовното работење на компаниите. Нашите анализи потврдија дека деветмесечната примена на ова законско решение не ги даде очекуваните резултати. Имајќи предвид дека според Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, ќе ја почитуваме одлуката што ќе ја донесе Судот“ – велат од СКСМ.

Дополнително, потсетуваат на експлицитно изнесените аргументирани ставови на бизнис-заедницата, дека овие измени, покрај тоа што се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок, истовремено се и несреќно воведени во погрешно време, кога наместо да се најдат начини за полесно и пофлексибилно надминување на мултикризната состојба, а посебно енергетската криза, се воведуваат решенија со кои се придонесува за уште поголемо намалување на економската активност на бизнисите.