Хидроцентралата Чебрен и водите во сливот на Црна Река мора да останат македонски, велат експертите. Тврдат дека ако се оствари планот со грчки Архиродон, струјата од ХЕЦ Тиквеш која оди до домаќинствата веќе нема да е евтина, туку ќе се продава на берза петпати поскапо.
Според нив, ако денешната цена е 8 милиони евра годишно, истата количина ќе чини 40 милиони евра, што е сериозна разлика.
„Секое распродавање, особено на хидроцентралите е токму поткопување на енергетската независност на оваа држава и поткопување на државниот суверенитет. Еден од главните столбови на државата е енергетскиот суверенитет. Ако него го поткопате, немате држава. Ако ние дозволиме со нашата струја да управуваат странци ние нема да имаме свој суверенитет, ќе бидеме робови во сопствената држава“ – проф. д-р Атанаско Туневски, Машински факултет Скопје
И финансиските пресметки покажале дека најлош модел за Чебрен е партнерство со странска компанија.
„Ако инвестираме самите, продаваме по сегашната заштитена цена од 53 евра, нето вредноста би била околу милијарда и 600 милиони денешни евра. Ако ЕСМ продава на берза, сегашната вредност би била две и пол милијарди денешни евра. Со инфлацијата, тоа би изнесувало некаде 10 и пол милијарди идни евра. Десет пати понеповолен е случајот на партнерството“ – проф. д-р Дејан Трајковски, Технички факултет Битола
Од друга страна, фирмата се пожалила од одлуката на Владата, па познавачите се надеваат дека договорот нема да биде склучен.
„Едни се условите во една одлука на Влада, други се условите во јавниот повик, трети се условите во конечната одлука на Владата. Има многу недоречености, правни проблеми кои ќе овозможат да се стопира процесот“ – проф. д-р Константин Димитров, Центар за енергетска ефикасност на Македонија
Премиерот без конкретен одговор дали е пристигната таква жалба, но очекува временските рокови да бидат запазени, иако тие се кратки и истекуваат следната недела.
„Согласно роковите, согласно договорот, согласно објавената тендерска документација, во таа работа нема менување“ – Димитар Ковачевски, премиер
Ковачевски заедно со неколку министри и други функционери беа поканети на денешната јавна расправа за Чебрен, но таму не се појави никој. Грчки Архиродон и ЕСМ треба да основаат акционерско друштво каде земјава ќе има 33% учество. Изградбата е предвидена да трае 7 години.