Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја поддржа изградбата и проширувањето на центрите за податоци во САД и покрај сè поголемото противење на ваквите проекти и меѓу републиканците и демократите во пресрет на среднорочните избори во ноември, објави „Политико“.
Трамп преку својата социјална мрежа „Трут сошл“ порача дека центрите за податоци ќе придонесат за поголем економски просперитет и богатство за Американците, истовремено критикувајќи ги заедниците и политичарите кои се спротивставуваат на нивната изградба.
„Единствената причина зошто заедниците низ САД не треба да сакаат центри за податоци е затоа што сакаат да завршат заостанати и сиромашни“, напиша Трамп.
Според него, поддршката за ваквите инвестиции ќе донесе повеќе работни места и пониски даноци.
„Ако сакаат да бидат просперитетни и богати, со многу пониски даноци и работни места насекаде, тогаш нека ги поддржат. Ако ја убиеме гуската што ги снесува златните јајца, ќе се обвинувате себеси“, порача американскиот претседател.
Трамп истакна и дека Кина, според него, би можела да има корист од зголеменото противење на центрите за податоци во САД.
Неговите изјави доаѓаат во период кога изградбата на големи центри за податоци, поттикната од брзиот развој на вештачката интелигенција, сè почесто наидува на отпор поради високата потрошувачка на електрична енергија и вода, како и влијанието врз локалните заедници.