Бројот на пензионери во земјава ќе расте, во 2025 та ќе надмине 353 000 лица – корисници на пензија. Ќе се зголемува и сумата за редовна исплата на пензии, пишува Порталб.мк. Стратешкиот план на ПИОМ за 2023-2025 година со нови корегирани проценки за движењето на бројот на пензионери и за средствата потребни за пензии во однос на проекциите во претходниот документ. И за годинава се најавува зголемување на пензиите.

Повеќе од половина од пензионерите живеат со или помалку од 260 евра…

Годинава бројот на пензионери ќе достигне 345 245 лица, што е за 2 826 повеќе во однос на проценката во претходниот Стратегиски план што го изработува ПИОМ. Во новиот документ се предвидува дека бројот на пензионери следниве три години ќе се зголеми за скоро 7 800.

                                                 Број на пензионери

 

                2023 година                                           345 245

                2024 година                                           349 043

 

                2025 година                                           353 022 

На истекот на 2022  година во земјава имало 332 239 пензионери што е за 13 000 помалку во однос на проценката за бројот на пензионери  годинава. Скоро 69% од пензионерите добиваат старосна пензија која на крајот од 2022 та изнесуваше 18 991 денари.

                                                 Висина на пензија                           % на корисници 

Старосна пензија                     18 991 ден.                                             68,76%

Семејна пензија                       13 882 ден.                                             22,42%

Инвалидска пензија                15 647 ден.                                                8,54%

Воена пензија                            24 998 ден.                                               0,26%

Земјоделска пензија                  9 076 ден.                                                0,02%

Ако се систематизираат пензиите според висината, податоците покажуваат дека во земјава скоро 54% од пензионерите или повеќе од половината имаат пензија не повисока од 260 евра а 28% од нив имаат пензија повисока од 20 000 денари.

И годинава раст на пензиите…

За редовна исплата на пензии годинава ќе бидат потребни 1,2  милијарда евра што е за 10,8% повеќе во однос на сумата што  беше предвидена лани. Сумите за исплата на пензии следниве години ќе растат. Во 2025 та во однос на годинава износот ќе се зголеми за речиси 83 милиони евра.

                                      Расходи за пензии

2023 година                                                   1 186 000 000 евра

2024 година                                                   1 242 000 000 евра

2023 година                                                   1 268 600 000 евра 

Износот за исплата на пензии ќе расте не само поради зголемување на бројот на корисници туку и поради растот на пензиите. Според најавите од Владата во март годинава ќе има нова нагорна корекција на пензиите за 6%.  Според новата методологија пензиите се усогласуваат два пати годишно, во септември и во март, и тоа за 50 проценти со трошоците за живот и за 50 проценти со растот на просечната плата.

“Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 проценти за една календарска година. Во мандатот на оваа Влада се зголемени за 10 проценти и тоа е направено без да се зголемат стапките на пензиски придонеси. Најголемиот дел на средствата – 499 милиони евра се трансфер во ПИОМ што е дополнителен показател за граѓаните дека го одржуваме стабилен Пензискиот фонд” – изјави неодамна премиерот Ковачевски најавувајќи нов раст на пензиите.

Економистите и натаму предупредуваат на потребата од одржливост на пензискиот систем, особено во кризни времиња кога се води битка за задржување на работните места и отворање на нови кои заедно се извор на финансирање на фондовската каса. По основ на социјални придонеси годинава во ПИОМ треба да се слеат 994 000 000 евра, сума која е повисока во однос на лани. На расходната страна најголем дел од буџетот на ПИОМ или 1,5 милијарди евра се трошат за исплата на социјални бенефиции по различни основи, меѓу кои и пензиите со најголем удел во оваа сума.

Во земјава според последните достапни податоци од Заводот за статистика, на крајот од третиот квартал лани бројот на вработени изнесувал 693 062 и во сооднос со бројот на пензионери годинава,   се сумира дека на 2 вработени има по 1 пензионер, податок кој укажува на ранливост на пензискиот систем.