Со проектот „Жените пчелари како двигатели на позитивни промени во Северна Македонија“, кој ќе биде промовиран утре во Куманово, ќе се формира медоносен научен пчелен парк, за првпат од таков тип на Западен Балкан, за едукативни цели и за промоција на женското претприемништво во областа на органското пчеларство.

Проектот има цел да ги зајакне пчеларските семејства во областа на органското пчеларство со акцент на вклученоста на жените и на младите од руралните средини, каде што доминира земјоделството како индустрија во Североисточниот и во Вардарскиот Регион на Македонија, кои се со висок степен на емиграција во градовите.

Се очекува да бидат опфатени 50 жени пчелари со проектот, од двата региона што се обучени да стопанисуваат во областа на органското пчеларство, да се едуцираат за маркетинг и за продажба на мед, да се воспостават 25 пчеларници отпорни на екстремни временски услови.