Општина Македонска Каменица ќе инвестира во изградба на фотонапонски централи во повеќе јавни институции во градот.

Целта, како што информираа од Општината, е заштеда на финансиски средства кои ќе бидат инвестирани во различни социјални програми.

-По најавата за инвестиции во Индустриската зона, со огромно задоволство најавуваме дека започнуваме со нов грандиозен проект во Македонска Каменица. Заедно со локалните институции и претпријатија ќе изградиме фотонапонски електроцентрали на сите јавни објекти во нашиот град, проект со кој ќе се штедат огромни финансиски средства кои ќе бидат инвестирани во различни социјални програми, информираа од Општината.

Проектот, како што додадоа, ќе се реализира етапно.

-Во првата фаза ќе се градат фотонапонски електроцентрали на Домот на култура, на Дневниот центар за лица со посебни потреби и на Куќа на спорт, по што ќе следуваат Градски пазар и образовните установи, додадоа од Општината.

Активноста, како што дополнија, се реализира како резултат на ветувањата кон граѓаните, за што најавија дека продолжуваат посветено во напорите за градење на најмодерна и еколошки најчиста општина во државата.