Владата на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница ја усвоила измената на Уредбата за директни плаќања за 2024 година.

Како што информираа од МЗШВ, измената е во насока да овозоможи право за субвенции на сите земјоделци кои за време на изборниот процес, имаат истечени или ќе им истечат договорите за закуп на земјоделско земјиште.

-Земјоделците, правото на субвенциите ќе можат да го остварат врз основа на старите договори. Продолжувањето на договорите ќе се изврши веднаш по завршувањето на изборниот процес, продолжувајќи се на 15 години согласно последните измени во законот за земјоделско земјиште, посочуваат од Министерството.

Дополнително со измените, наведуваат од МЗШВ, се врши бришење на скалестата пресметка на висината на директните плаќања за продадени или заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети.

-Секторот свињарство последните 2 години беше соочен со голем предизвик во справувањето со појавата на афринската свинска чума, па ваквата измена на Уредбата дава зголемена поддршка за производителите на свинско месо, соопштуваат од МЗШВ.