Ќе се отпишуваат каматите на долговите на граѓаните направени до ноември 2020 година, а обврска на граѓаните е да ја платат главнината на долгот.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска изјави дека законското решение се подготвува, а граѓаните ќе бидат навремено информирани и повикани поединечно во јавните претпријатија со цел да не се прават гужви и да се заштити нивното здравје.

Уверува дека има механизми за да се спречат можните злоупотреби од страна на граѓаните.

– Даваме можност на секој граѓанин да добие отпис на камати, ако претходно направи репрограмирање за отплата на основниот долг на 12 месеци. Тоа значи дека репрограмирањето мора да докаже и да почне да го отплаќа. Механизмот ќе биде дека сметководствено ќе му бидат отпишани каматите, но ако после првиот месец не продолжи со исполнување на договорните услови, ќе почнат затезните камати да течат како што течеле претходно, истакна Битиќи.

Верува дека ќе се направи добро законско решение кое ќе понуди минимални можности за злоупотреба, а државата, како што рече, е тука да ги најде оние кои прават злоупотреби.

Отписот на каматите на долговите е една од мерките во петтиот пакет економски мерки што Владата неодамна го донесе. Предвидено е отписот да се направи во период од пет месеци. Ќе се отпишуваат каматите на долговите кои граѓаните ги имаат направено кон јавните претпријатија. Тука не спаѓаат ЕВН, БЕГ и други приватни компании кои даваат јавни услуги, но премиерот Зоран Заев на презентацијата на петтиот пакет ги повика и овие компании доколку се во можност да се приклучат со цел да им се помогне на најсиромашните граѓани.