Компаниите од прехранбениот сектор нема да добиваат субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба доколку не се држат до договрот со владата да ги намалат цените на своите производи.

Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој најави дека селективните одлуки ќе следат на крајот на месецов согласно податоците од Државниот пазарен инспекторат. Според министерот, логично е во тој случај парите што се даваат за обезбедување повластена електрична енергија да се прераспределат како помош за граѓаните.

На дневна база разговараме со стопанските коморите и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи, смета Бектеши.

Тој признава дека само одреден број на компании ги намалиле цените во рамките на очекувањата од 7 до 12 отсто.

Би требало до крајот на месецов да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и согласно тоа да се донесат одредени одлуки. Согласно прогласената кризна состојба одлуките може да бидат и селективни, па за компаниите кои не ги намалиле цените да не важи оваа мерка, а за тие што ги намалиле и навистина се потрудиле да направат максимум да излезат во пресрет на потрошувачите, да продолжи, рече Бектеши.