Со парите ќе се градат 10, 2 километри од автопат од Букојчани до Кичево.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит од 110 милиони евра за финансирање на изградбата и услугите за супервизија на 10,2 километри автопат од Букојчани до Кичево, заедно со деталниот нацрт на под-секцијата од 4 километри.

ЕУ го кофинансира проектот со  20 милиони евра инвестициски грант, преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).

Според кредиторите, новиот пат и подобрата поврзаност ќе го поддржат економскиот развој на земјата, правејќи ја мобилноста и трговијата полесни. Современата инфраструктура ќе помогне и во безбедноста на патот и ќе го направи поотпорен на оштетувања од временски услови.

-Банката игра уникатна улога во поддршката на патниот сектор во Северна Македонија уште од 2001 година. Ја финансираше изградбата и модернизацијата на регионалните, локалните и паневропските патишта, и обезбеди политички дијалог за зајакнување на институциите во земјата. Со оваа нова инвестиција, повторно ја потврдуваме нашата посветеност за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата за добро на сите во граѓани и бизниси –  изјави  Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за С Македонија на потпишувањето на договорот за кредитот.

Министер за финансии Фатмир Бесими рече дека Коридорот 8 е еден од стратешките проекти за инфраструктурата на земјата, кој ќе ја направи поконкурентна.

– Со изградба на патната инфрастуктура од Коридор 8, во Северна Македонија ќе се заокружи изградбата на паневропски коридор значаен за подобра поврзаност на земјата со Албанија и Бугарија и останатите европски земји. Ова ќе отвори нови пазари за македонските компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе овозможи одржлив економски раст – рече Бесими.

Од ЕБОР велат декаво рамки на реализацијата на овој проект ќе се реализира и проектот за вклучување на младите.

-Покрај креирањето на нови работни места за време на изградбата, работите на новиот дел од автопатот ќе обезбедат можност за развој на вештини за младите луѓе во градежниот сектор, преку обука на лице место. Оваа програма за вклучување на младите е развиена од ЕБОР, и ги поддржува владините напори во промовирање на вработување на младите. Со проектот ќе се охрабри поголемо учество на приватниот сектор, со тендер за договор за градење и одржување, кој ќе вклучи справување со климатските ризици за време на фазите на изградба, работењето и одржувањето на проектот – велат од ЕБОР.

Коридорот 8 во земјава се протега на приближно на 305 километри и поврзува 62 отсто од популацијата во земјата. Неговиот развој е идентификуван како стратешки приоритет на земјата, но околу 60 отсто од истиот треба да биде изграден согласно стандардите за автопатишта.

Коридор 8 е патнички и железнички коридор од исток кон запад, кој се протега преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, поврзувајќи го бугарското пристаниште Варна на Црно Море, со албанското пристаниште Дурес на Јадранско Море. Опфаќа морски и езерски пристаништа, аеродроми, патишта и железница, во вкупна должина од 1.270 километри железница и 960 километри патишта.

ЕБОР ја поддржува Северна Македонија во напорите за подобрување на транспортната инфраструктура, во инвестиции во секторот патишта и железници. До сега, за изградба на патишта во земјата, има обезбедено над ЕУР 400 милиони.