ЕБРД го сопрела кредитот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра бидејќи законот за негово одобрување предолго е блокиран во pарламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ ,а тие не сакаат да им стојат „мртви“ средствата.

Ваквата информација ја соопшти новиот министер за локална самоуправа Ристо Пенов во синоќешното интервју за Канал 5. Според Пенов, со оваа одлука секој граѓанин е казнет практично со 500 евра, иако сите се жалат дека не можат да се справат со високите цени за енергијата.

„Во парламентот, како што знаете, е заглавен законот за одобрување на кредитот од ЕБРД од 100 милиони евра со кој треба да се решава дисбалансот во енергетиката. Вчера стигна информација на седницата на Владата дека ЕБРД ги повлекла средствата, бидејќи не може повеќе да ги држи мртви, дека ние не пројавуваме интерес и не ги сакаме, па ги пренаменила за друга држава. И, што правиме сега?“, изјави Пенов во интервјуто.

Околу забелешката дека ВМРО-ДПМНЕ го условуваше земањето на кредитот со отчет каде ќе се трошат парите тој реплицираше: „А, проблем ли беше отчетот да се направи после?“ – очигледно мислејќи откако ќе се земат парите.

„Ако влезеа 100 милиони евра во македонската економија, без оглед дали ќе беа потрошени за општините или за дисбалансот на цените, сите ние ќе живеевме подобро. Со откажувањето на 100-те милиони евра секој граѓанин во државава е казнет со 500 евра. Да не го споменувам индиректниот ефект од вртењето на парите во економијата“, рече Пенов.

Кредитот за Македонија ЕБРД го одбори во јуни годинава и оттогаш трае политичката игра околу неговото изгласување во парламентот, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ најверојатно сака да предизвика социјална криза, а со тоа и незадоволство од владеењето на актуелната политичка гарнитура повикувајќи се на корупција во ЕСМ, иако трошењето ќе го контролира европската банка.

Во соопштението што го објави ЕБРД по објавувањето на одлуката стоеше дека кредитот ќе биде за поддршка на ликвидноста на компаниите во справувањето со енергетската криза што ја погодува Македонија.

„Обезбедувањето на финансиските средства за ликвидност ќе се користат како обртен капитал за финансирање плати, сервисирање на долгот и други административни трошоци на клиентот и не е поврзано со какви било нови еколошки или социјални ризици или влијанија. ЕСМ е постоен клиент на банката со добри резултати и ја докажа својата способност да се усогласи со барањата на банката за време на тековните проекти“, се вели во објавата на меѓународниот кредитор. Стануваше збор за кредит со камата под еден процент, исплата на шест години и грејс-период од шест месеци.