Европската централна банка предлага зголемување на прагот за банките што се сметаат за „мали и некомплексни“ од сегашните 5 на 10 милијарди евра вкупна актива.
Со промената, уште околу 160 банки би можеле да влезат во оваа категорија, чиј број би се зголемил од 1.439 на околу 1.597.
Банките со овој статус имаат поедноставени регулаторни и известувачки обврски, што значи помал административен товар. Во одредени случаи тие доставуваат и до 70 отсто помалку податоци од големите банки.
ЕЦБ разгледува и поедноставување на дел од супервизорските процедури, како и намалување на обемот на одредени стрес-тестови за малите банки.
Од ЕЦБ посочуваат дека целта не е намалување на капиталните стандарди, туку правилата да се приспособат на големината и сложеноста на банките.
Предлогот предвидува националните власти да можат да го подигнат прагот до максимум 10 милијарди евра.