Растот на платите во еврозоната се очекува благо да забрза во првите девет месеци од 2027 година, покажуваат најновите процени на Европската централна банка (ЕЦБ).
Според индикаторот што ги следи платите утврдени со колективни договори, нивниот просечен раст во втората половина од оваа година би изнесувал 2,7 отсто. За целата 2026 година се предвидува раст од 2,3 отсто, додека во првата половина од 2027 година се очекува да достигне 2,8 отсто. Во третиот квартал од следната година би забавил на 2,4 отсто.
Од ЕЦБ појаснуваат дека процените се засноваат на ограничен примерок. Притоа, пониските вредности во првата половина од 2026 година делумно се последица на еднократните исплати од втората половина на 2024 година, кои не биле повторени следната година. Овој ефект целосно исчезнува во втората половина од 2026 година.
Сепак, растот на номиналните плати не значи автоматски и подобрување на животниот стандард. Од ЕЦБ посочуваат дека целосните последици од енергетскиот шок сè уште не се видливи, додека основната инфлација, која не ги опфаќа цените на храната и енергијата, засега останува релативно стабилна.
Според прелиминарните податоци на Евростат, вкупната инфлација во еврозоната во октомври се забрзала на четири отсто, што претставува најсилен раст на цените за нешто повеќе од три години. Основната инфлација изнесувала 2,2 отсто, исто колку и претходниот месец.
Основната инфлација е еден од клучните показатели што Европската централна банка ги зема предвид при одлучувањето за каматните стапки.