Според податоците на Државниот завод за статистика, годишниот просек на издатоци на македонските работодавачи по фактички одработен час за 2016 година (последен објавен) изнесувал 229 денари или 3,5 евра.

Годишниот просек на издатоците на македонските работодавачи по фактички одработен час (нешто повеќе од 3,5 евра или 229 денари), објавен во 2017 година, бил двојно понизок од актуелната најниска цена на работната сила во Бугарија – 6,40 евра по одработен час, а повеќе од десетпати помал од највисоката цена на работната сила, со која убедливо води Данска – 46,90 евра. Според податоците на Државниот завод за статистика, годишниот просек на издатоци на работодавачите по вработен за 2016 година (кој е последно објавен), изнесувал 398.242 денари (околу 7 илјади евра). За таа година, најголем годишен просек на издатоци на работодавачите по вработен во земјава, имало во банкарскиот и во осигурителниот сектор и изнесувал 695.297 денари (околу 11,5 илјади евра). Во 2016 година, годишниот просек на издатоци по фактички одработен час во Република Македонија изнесувал 229 денари или 3,5 евра. 

За потсетување, како што неодамна објави „Дојче веле“, Германија е меѓу водечките земји во Европа според трошоците за работна сила и секој час работа го чини германскиот работодавач во просек 36,70 евра. Во просек за ЕУ, трошоците за работна сила (плата плус осигурување) изнесуваат 28 евра за еден час работа. Сумата е формирана од бруто-плата и дополнителни одземања, како што е социјалното осигурување. Највисока цена на работната сила има во Данска – 46,90 евра за одработен час, а најниска во Бугарија – 6,40 евра, според Федералниот завод за статистика „Дестатис“. На дното на рангирањето се неколку постсоцијалистички земји, во кои трошоците за работна сила се околу десет евра за час- Хрватска, Унгарија, Полска и Литванија, а претпоследна е Романија со просечна цена на трудот од 7,70 евра.

Минималната нето-плата од април – 15.194 денари

Минималната бруто-плата од април изнесува 22.146 денари, додека износот на минималната нето-плата е 15.194 денари. Во бруто платата се 18,80 проценти придонес за ПИОМ, 7,50 проценти придонес за здравство и 0,50 проценти дополнителен придонес за здравство и 1,20 проценти, придонес за вработување. Или во вкупен износ за придонесите во април се издвојувале 6.201 денари.