Инвестиции во иновации, во инфраструктурата, во зелени проекти, како и поддршка за малите и средите претпријатија беа меѓу приоритетните проекти што во текот на изминатата пандемиска 2020 година беа поддржани од Европската инвестициска банка. Меѓу проектите што се поддржани во Македонија претставниците на ЕИБ ги издвоија вложувањата во мали претпријатија, за што биле издвоени пет милиони евра.

– Во текот на 2020 година во Западен Балкан беа инвестирани 873 милиони евра, со што имавме раст од речиси 50 проценти повеќе отколку во 2019 година. Од одобрените проекти најголем дел беа за транспортот, па за индустријата, а дел и за здравството и за образованието. Притоа околу една третина од вкупните финансии што ги вложи ЕИБ беа инвестирани во надминување на ковид-19. Инвестиравме во подобрување на здравствената инфраструктура, при што беа вложени 365 милини евра во проекти наменети за подобрување на здравството и со кои беше подобрена здравствената услуга за пет милиони граѓани. Во Босна и Херцеговина е обновен Клиничкиот центар во Бања Лука, а изградена е нова болница во Бијељини. Во Србија се обновени 20 болници, меѓу кои Клиничкиот центар во Ниш, а во тек е обновата на центрите во Белград и во Војводина – истакна новата потпретседателка на Европската инвестициска банка за Западен Балкан, Лилјана Павлова.

Во насока на надминување на кризата наметната од пандемијата на ковид-19, Павлова истакна дека големи средства се вложени за поддршка на малите и средните претпријатија, со намера за одржување на ликвидноста и зачувување на работните места, но и во проекти наменети за вработување млади лица и за поддршка на женското претприемаштво.

Претставниците на ЕИБ посочија дека ќе продолжат со својата поддршка на земјите од Западен Балкан кон зелената транзиција, поточно на проекти наменети за одржлива економија, разновидно снабдување со обновливи извори на енергија, а фокусот ќе биде ставен на енергетски ефикасни и еколошки проекти.
Меѓу проектите што ги поддржале во текот на изминатата 2020 година, Павлова ги истакна заемот од 50 милини евра за мали и средни претпријатија за вработување во Албанија и во Косово, потоа 64 милиони евра за мали и средни претпријатија во Србија под програмата за дигитализација, 12 милиони за мали претпријатија во БиХ и пет милиони евра за микрокомпаниите во Македонија.
Беше посочено дека и во иднина остануваат на агендата да поддржуваат проекти наменети за надминување на последиците од ковид-пандемијата, потоа на проекти наменети за одржливост на животната средина, како и поддршка на малите и средни претпријатија и други проекти.