ЕК конечно потврди дека украинскиот увоз им штети на бугарските пазари и на другите земји од ЕУ. Ова се наведува во извештајот на Европската комисија од денеска, јави Николај Желјазков, дописник на БТА, прнесува БГНЕС.

Во извештајот се вели: „Увозот на жито, маслодајни семиња, шеќер и некои производи од животинско потекло од Украина во ЕУ значително се зголеми во 2022 година, особено нагло за месо од живина и јајца.

Наглото зголемување на увозот од Украина создаде прекумерна понуда и надолен притисок врз цените во Бугарија, Полска и Романија, додека на други места помогна да се надминат недостатоците во производството“. Во моментов има протести на производителите против дампингот на украинскиот увоз, а Бугарија бара поголема отштета од Европа.

Меѓу другите наоди, извозот на жито од ЕУ најверојатно ќе падне за 7,7 отсто во споредба со минатата година, особено на пченка.

„Извозот на пченица од ЕУ може да се зголеми за 9,4 отсто. Увозот на жито во ЕУ се очекува да порасне за 57 отсто. Намалување од 2,9 отсто се очекува кај употребата на жито во ЕУ за добиточна храна, во однос на претходната маркетинг година, поради падот на сточарството. Крајните залихи на жито се очекува да се зголемат за 2,4 отсто за годината“, се додава во извештајот.

Извозот на живи животни од Европската унија се очекува да падне за 3,5 отсто оваа година. Како причина во документот се наведуваат високите цени на домашниот пазар и тешкотијата на превозот во Црното Море. Се очекува Романија да пренасочи дел од своето производство во Бугарија и Грција, со што ќе го ограничи својот извоз во трети земји.